Често поставувани прашања

Моето дете забележа технички проблем, каде да се обратам?

Контактирајте нè, накратко образложувајќи го проблемот, а ние ќе се фатиме за работа во најбрз можен рок. Ќе добиете повратен мејл за состојбата на проблемот, во наредните 48 часа.

Дали претплатата ги покрива и новите содржини кои ќе бидат додадени во иднина?

Секако! Цената на Вашата претплата останува иста, а новите содржини кои ќе бидат додадени на платформата ќе бидат достапни за Вашето дете без никакви дополнителни давачки.

Колкав е обемот на содржини моментално?

Платформата вклучува мултимедијални содржини, како и интерактивни курсеви и игри. Поради тоа, тешко е да се процени обемот бидејќи станува збор за сосема различни медиуми преку кои децата ги конзумираат содржините. Во секој случај, очекувајте дека Вашето дете би можело да ужива над сто часови, пред да почнат некои од содржините да се повторуваат.

Нашата проценка е дека со умерено користење на платформата (половина час дневно, во текот на работната недела) детето не би наишло на повторливост на содржините низ првите шест месеци.

Секако, доколку времето кое детето го минува на платформата е подолго, постои можност и порано да се запознае со голем дел од содржините. Меѓутоа, важно е да се напомене дека многу од содржините се направени со цел повторливо уживање (како што се на пример фитнес вежбите, вежбите за концентрација и медитација, и игрите). Па така, Вашето дете ќе може да ужива во бенефитите на платформата и многу подолго откако ќе се запознае со содржините за прв пат. Впрочем, ние веруваме дека повторувањето на некои од содржините би овозможило и повисок степен на забава.

Дали можам да ја откажам претплатата, и како?

Секако дека можете! Едноставно, и во секое време, отворете го Вашиот профил, и веднаш во полето за претплата ќе ја забележите опцијата “откажи претплата”. Штом ја изберете оваа опција, вашиот план престанува да важи од наредниот месец. Ова значи дека наредното наплаќање нема да биде извршено, а Вашето дете сè уште ќе има пристап до сите содржини на платформата, се до истекот на месецот за кој веќе сте платиле. При било какви потешкотии, контактирајте нè, за ние да ја откажеме претплатата во ваше име, при што веднаш ќе добиете известување на мејл.

Дали содржините се уживаат самостојно или пак во присуство на родител?

Додека силно укажуваме на потребата за родителски надзор кај некои содржини, постојат и такви кои не бараат родителски ангажман. Имено, фитнес вежбите изускуваат присуство на родител или старател, бидејќи природата на тој тип на игра и забава е таква да лесно може да настане повреда.

Слично, кога станува збор за вежбите за медитација, секаде во светот се препорачува тие да се прават заедно со родителот, барем на самиот почеток, а понатаму детето би можело да ги прави и само. Доколку детето ги практикува самостојно, важно е одвреме-навреме да го прашате околу неговото искуството, како би можеле да процените дали активноста е пријатна, или пак постојат некои нејаснотии или потешкотии.

Што се однесува пак до курсевите, тие се изведени на начин кој што го ослободува детето, пружајќи му целосна автономија. Во тој контекст, децата можат самите да учат и да истражуваат.

Дали позади изработката на материјалите стојат експерти од релевантниот домен?

При изработка на платформата и содржините, бевме во постојани консултации со професионалци од областа на педагогија и психологија.

Што се однесува пак до самите содржини, истите се изработени од тим кој е составен од врвни професионалци но и ентузијасти без формална акредитација. За пример, содржината на курсевите по пијано и математика е изработена од педагози со искуство во релевантната област, додека пак содржините во оние модули како што се шах, аудио вежби за концентрација, и фитнес, се изработени од ентузијасти со долгогодишно искуство во полето.

Сите содржини, начинот на нивно презентирање, како и архитектурата на платформата, се изведени низ постојан процес на консултации и уредување, со цел да задоволат врвни стандарди од областа на детска едукација.

Забележав содржини кои не ми се допаѓаат, каде да се обратам?

Официјалната литература во училиштата, за која што се јавуваат замерки, не подлежи на брзи интервенции, но тука е предноста на овој тип на технологија за детска забава и едукација.

Во текот на изработката на самата платформа, како и на содржините, нашиот тим го даде најдоброто од себе. Меѓутоа, можно е некој да не се согласува со адекватноста на содржините, или пак квалитетот на корисничкото искуство.

Поради ова, ние продолжуваме да го даваме најдоброто од себе, замолувајќи ве и Вам активно да учествувате во унапредувањето на платформата. Контактирајте нè и ветуваме дека она на кое што ќе ни укажете ќе биде земено во предвид, и доколку постои основа истото ќе биде променето во најбрз можен рок.

Кои се техничките побарувачки на платформата – каков хардвер е потребен?

Платформата може да функционира непречено на секој уред кој има добра интернет конекција и инсталиран интернет пребарувач.

Преку кој уред препорачувате да се пристапува кон платформата?

Нашиот предлог е детето да пристапува кон платформата преку десктоп компјутер или пак лаптоп. На овој начин, полесно може да се ограничи времето на употреба, и да се создаде свесност преку намерно пристапување кон содржини.

Меѓутоа, подржуваме и користење на таблет, или поврзување со ТВ уред (особено прикладно за фитнес вежбите). Употребата на смартфон за да се пристапи кон платформата е секако овозможена, но нашата препорака е да се избегнува бидејќи смартфонот претставува алатка која лесно ја заматува линијата помеѓу реалниот и дигиталниот свет, што кога станува збор за децата може да биде и навистина штетно. Секако, важно е да се напомене дека одредени содржини, како што се на пример вежбите за медитација, се совршено прикладни за уживање преку смартфон.

На крај, ова е сепак Ваша родителска одлука, а во иднина ќе има содржини на нашиот блог каде ќе разговараме со експерти од областа на педагогија и психологија, како би отвориле една поширока дебата на оваа тема.

Не можеме да си дозволиме месечна претплата — има ли начин нашето дете сепак да може пристапи до платформата и содржините?

Хоризонт има јасно зацртана социјална мисија, не сакаме парите да се пречка за било кое дете да ужива во бројните благодети кои ги нуди платформата.

За таа цел, сите оние на кои им е потребна субвенционирана претплата, истата можат да ja добијат преку контактирање на еден од нашите партнери. Посетете ја оваа секција, и аплицирајте за целосно субвенционирана претплата.

Дали платформата вклучува чувствителни содржини како што се религија, или пак одредени вредности блиски до различни идеологии?

Краткиот одговор е дека платформата не вклучува ваков тип на содржини.

Меѓутоа, долгиот одговор е дека преку секојдневната интеракција, сакале или не, сите ние несомнено пренесуваме одредени вредности. Поради тоа, иако се трудевме тропите и темите во приказните, како и насекаде низ содржините, да не бидат директно поврзани со веќе воспоставени и често контроверзни вредности системи, неминовно е некои родители да забележат одредени елементи кои ним лично не им се допаѓаат.

Дали тоа би се должело на самите содржини, или пак на начинот на кој што одредени родители ги интерпретираат содржините, е навистина тешко да се каже. Затоа, при било какво двоумење, слободно исконтактирајте нè.

Дали цената за годишен пристап е еднократна?

Цената за годишен пристап ја плаќате еднаш а платформата ја уживате цела година, без никакви дополнителни давачки. За оние кои не претпочитаат месечна претплата, ова е одлична зделка, бидејќи ви заштедува цели три месеци, доколку се плати наеднаш наместо месец за месец.

Дали претплатата за годишен пристап автоматски се обновува и наредната година?

Месечната и годишната претплата се обновуваат сами, се додека не ги откажете. Меѓутоа, седум дена пред обновување на годишната претплата ќе ви испратиме мејл во кој ќе Ве потсетиме дека датумот на обнова се ближи. На тој начин, доколку не планирате Вашето дете да продолжи да ја користи платформата, ќе имате доволно време да го откажете пакетот. Ден пред обновата, ќе добиете и втор мејл со истото известување.

Има ли начин дигиталните колекционерски карти да се купат самостојно?

За жал ваквата опција не е овозможена. Се решивме тоа да биде така, бидејќи во спротивно платформата веднаш ќе стане повод за континуиран паричен трошок на родителите. Наместо тоа, картите се доделуваат преку совладување на содржините, но и игра.

Преку платформата, детето ќе добива известувања и за актуелните Scavenger hunt настани, кои претставуваат потрага по постери со уникатни QR токени низ урбани рекреативни локации. Сликајќи го кодот, картите наеднаш ќе се појават во колекцијата. Со ова се надеваме да поттикнеме интерес за посета на ваквите јавни места и почеста прошетка со родителите на отворено. Веруваме дека ова е само еден од начините со кои може да се поттикне поздраво детство.

На овој начин ја искоренуваме и класната разлика помеѓу децата, овозможувајќи им на сите да учествуваат во процесот на собирање карти без разлика на висината на примања во семејството.

Децата поминуваат премногу време пред екраните – зарем вашата платформа нема да го влоши проблемот?

Трендовите низ целиот свет говорат за тоа како времето минато пред екраните постојано расте и тоа помеѓу најмладите. Верувале или не, ние го препознаваме овој проблем и токму поради тоа се решивме за изработка на платформата.

Нашиот тим смета дека справувањето со овој проблем е возможно преку две решенија. Првото е да се ограничи тоа време, директно, додека пак второто е да се променат содржините, со чија помош времето минато во интеракција со дигиталните уреди добива една нова, поинаква димензија.

Па така, опциите за родителски надзор и контрола наскоро ќе Ви овозможат Вам, како родител, да имате целосен увид во времето кое Вашето дете го минува на платформата. Овде станува збор за целокупното време, како и времето поминато на секоја секција од платформата одделно. Но ова е само првиот чекор. Вториот чекор ќе Ви овозможи да поставите ограничувања на дневно или пак неделно ниво, на целата платформа или само на одредени содржини – целосно или временски. Ќе бидете известени веднаш штом оваа функционалност стане достапна.

Другото решение, за кое цврсто веруваме дека ќе помогне при справување со проблемот, е менување на типот на содржини. Екранизацијата е горлив проблем кој примарно произлегува од пасивно воспримање на дигитални содржини, како и содржини оптимизирани кон засилена допаминергиска стимулација. Хоризонт е однапред скаран со овие категории, и изграден токму како нивна алтернатива.

Имено, многу од содржините поттикнуваат физичка активност, работа со раце, или пак слушање на аудио материјали. Ова значи дека децата нема да седат вкочанети пред екраните, нарушувајќи го нивното здравје. Напротив, тие ќе имаат поголем мотив да играат игри, да усовршуваат нови вештини, и да учествуваат во поинакви активности од претходно.

Дали платформата ќе биде достапна и на други јазици?

Нашите планови се да овозможиме целосен превод и гласовна синхронизација, и тоа најпрвин на албански јазик, а потоа и на другите јазици од соседството паралелно со процесот на ширење на тие пазари. Преводот на албански е прв на листата на приоритети, и во секој момент ќе започнеме со работа на тоа поле. Свесни сме за големата бројка на дечиња во нашата држава кои говорат албански, и сакаме тие да ги уживаат содржините на својот мајчин јазик.

Преводот на останатите јазици за жал нема да биде возможен се до моментот на проширување во пазарите од регионот. Ова е одлучка која ја носиме со тешко срце, но во моментов не сме во можност да го изведеме тој проект без сериозно да го нарушиме понатамошниот развој на целата платформа. Сепак, има многу дечиња кои веќе ја уживаат платформата, и на кои им должиме уште многу подобрувања!

Што се однесува до целосно приспособување на абански јазик, новостите очекувајте ги наскоро.

Дали моите лични и платежни податоци се зачувуваат?

Хоризонт, односно правниот субјект ДИСКАВЕРИНГ ДИГИТАЛ ДОО – Скопје зачувува одредени лични и не-лични податоци, како и дел од податоците во врска со наплатата. Важно е да напоменеме дека во моментот кога ќе направите претплата на Хоризонт, платежните податоци кои се побарани од вас, и ги внесувате, се податоци кои ние не ги чуваме во целост, ниту пак процесираме. Ваквите податоци се процесирани преку безбедна https конекција и SSL енкрипција наменета токму за оваа употреба, и преку платежниот процесинг систем на Стопанска Банка и cPay системот на Касис. Притоа, некои од податоците кои се бараат од Вас се задолжителни за вклучување во одредена активност на платформата Хоризонт, како што е можноста за најавување и преглед на содржините, а доколку истите не ги приложите нема да можете да ги користите, односно да се вклучите во овие активности.

Единствените податоци при извршување на плаќањето, до кои Хоризонт има пристап, ги чува и процесира, се името кое стои на Вашата платежна картичка со која е извршено плаќањето, последните 4 (четири) цифри од бројот на картичката со која е извршено плаќањето, како и сумата која е наплатена. Останатите информации се безбедно енкриптирани и достапни на платежниот процесинг систем на Стопанска Банка, како и cPay системот на Касис.

Што се однесува до останатите лични и не-лични податоци кои се прибрани од страна на нашата платформа и од трети страни, можете да се информирате соодветно преку читање на нашата Политика за Приватност која може да се најде овде (Политика за приватност), или преку линкот на дното од веб сајтот (најдолу). Истото важи и за пристап кон Политиката за Колачиња (Политика за колачиња) кои се користат за прибирање на одредени Ваши податоци со примарна цел подобрување на корисничкото искуство.

Доколку имате одредени прашања, контактирајте нè..

Дали моите лични и платежни податоци се безбедни?

Платежните податоци се процесирани преку безбедна https конекција и SSL енкрипција наменета токму за оваа употреба, и преку платежниот процесинг систем на Стопанска Банка и cPay системот на Касис.

Останатите лични податоци се заштитени на начин кој е детално образложен во нашата Политика за Приватност која е јавна и достапна овде (Политика за приватност), или преку линк на дното (најдолу) на нашата веб страна. Доколку имате одредени прашања, контактирајте нè.

Важно е да се напомене дека ниту една компанија не е во можност да ги исклучи во целост безбедносните ризици кои се однесуваат на чување и заштита на корисничките податоци. Поради ова, користењето на нашата платформа и веб сајт, како и сите веб, безбедносни и комуникациски технологии со кои нашата страна располага и е во соработка, е на Ваш сопствен ризик. Разните индустриски стандарди кои ги користиме а кои разумно го намалуваат овој ризик вклучуваат безбедносни лозинки, заштитни ѕидови (firewall), SSL сертификати (напредна енкрипција на податоци) и други.

Следи нè на Facebook
arno

Поддржано од проектот RISE (Регионален инкубатор за социјални претприемачи) кој во С. Македонија го имплементира Здружението “АРНО”. Мислењата и ставовите изразени на оваа веб страница не нужно ги одразуваат ставовите на донаторите и партнерските организации.

ДИСКАВЕРИНГ ДИГИТАЛ ДОО – Скопје; Сите права задржани; © 2022-2026

Матичен број на правно лице: 7133308; Даночен број на правно лице: 4082016517330